Агенцијата за храна и ветеринарство на сточарите кои одгледуваат свињи им забрани да ги пуштаат на отворено. Оваа мерка е донесена поради ризикот од појава и ширење на болеста африканска свинска чума во земјава. За непочитување на мерката, добитокот ќе биде одземен без надомест, пишува МРТ.

На сточарите кои одгледуваат свињи им се забранува одгледување и испаша на добитокот на отворено, известува МРТ.

Заради отстранување на ризикот од појава и ширење на болеста африканска свинска чума во земјава, имајќи предвид дека нејзиното присуство е потврдено во регионот, Агенцијата за храна и ветеринарство донесе неколку мерки кои фармерите треба да ги применуваат за да се заштитат. За непочитување на оваа мерка, животните ќе бидат одземени без надомест и отстранети.

Исто така се забранува и продажба на свињи преку добиточните пазари и собирните центри. Сите фарми имаат обврска да ги воспостават и одржуваат основните биосигурносни мерки на објектите.

Се наложува и задолжително пријавување на сомнеж за болеста и угинување на свињи во најблиското ветеринарно друштво или кај ветеринар.

Болеста африканска свинска чума не е опасна за луѓето, а меѓу добитокот се пренесува и шири со директен контакт од болно на здраво животно, а индиректно се пренесува преку заразена храна и отпадоци од храна, опрема, возила, облека и преку крлеж.

ИЗВОР: МРТ – линк МРТ (mrt.com.mk)