Доаѓа туристичката сезона, пандемијата со коронавирусот стивнува и станува се понемоќна. Она што е повеќе од јасно е дека годинава Охрид ќе има повеќе посетители со оглед на тоа што многумина не се вакцинирале, а за излез од државата ќе треба да приложат негативен тест или да имаат антитела за Ковид-19.

Многу од граѓаните можеби нема да сакаат дополнителни трошоци или нема да успеат да се вакцинираат до периодот кога ќе можат да заминат на одмор. Токму поради таа причина ќе останат овде во Македонија, ќе бираат меѓу Охрид и Дојран. Охрид како и секогаш важи за едно од најскапите места кај нас.

Другото мислење кое постои е дека туристите кои својот летен одмор планираат да го поминат во Охрид можат сами да изберат дали ќе имаат скапо или евтино летување, бидејќи во градот се нудат услуги со цени за сечиј џеб.

Нивниот аргумент е дека пиво од 80, 90 денари во туристичко место не е скапа цена, или пак кафе од 100 денари не е скапа цена со оглед на тоа дека го пиете уживајќи во прекрасниот поглед кон езерото во ресторан или кафуле кое ги има сите потребни работи за вие и вашите пријатели да се чувстувате пријатно.

Свој статус за ова напишал и Антонио Д. кој вели дека доколку охриѓани не ги намалат цените ова лето, граѓаните со оглед на кризава, ќе треба да носат ајвар и паштети по плажите.

– Шала на страна, дека Охрид е убав, убав е, но и дека е скапичок, исто така е факт. 2 лета по ред одиме во Грчка и Охрид на одмор. 4 дена во Грција, 5 во Охрид. Грција во многу работи е поевтина и прифатлива во однос на цените во споредба со Охрид. Не дека Охрид е прескап ко што се збори, но факт е дека со корона-кризата многу граѓани нема да можат да си дозволат да заминат надвор или пак воопшто да отидат и до самиот Охрид. Ако останат цените вакви какви што се, не ни бегаат ајварот и паштетите по плажите. Затоа Охриѓани – памет во глава.

Оставете простор да уживаме во нашите убавини и бидете вистински родољупци.