Висината и пресметката на надоместокот за патните трошоци на пратениците која со години предизвикува интерес кај граѓаните, деновиве повторно се актуелизира откако пратеникот на Левица Димитар Апасиев на Фејсбук ја објави дилемата по кој законски основ на пратениците покрај патни трошоци им се плаќаат пари за патарини.

Од Собранието велат дека пресметката за патните трошоци се врши според донесена одлука од Собранието, а експертите велат дека и патарините се дел од трошоците што ги прават пратениците и сигурно влегуваат во патните трошоци.

Пратеникот Димитар Апасиев кој најавува дека утре во Собранието ќе достави предлог закон со кој се предлага висината на надоместокот за патни трошоци за пратениците да се намали од 20 на 5 отсто, односно да изнесува колку што изнесува трошокот за билет во јавен превоз, вели дека бил изненаден кога дознал дека при пресметката на износот на патните трошоци покрај законски утврденото се пресметува и патарината.

Тој, како што вели, испратил и прашања до собранискиот спикер и генералната секретарка на Собранието, но и по три месеци не му е одговорено на прашањато.

„Барам да ми се каже законскиот основ по кој на пратениците со години им се исплатувале плус патарини, дополнително од „патните трошоци“? Јас таков основ барав во законот, ама не најдов!?“, напиша Апасиев.

Тој за Плусинфо појасни дека додека ги подготвувал новите измени на законот поврзани со надоместокот за патни трошоци на пратениците од сметководството на Собранието добил информација дека во пресметката за патните трошоци се пресметуваат и патарините што било повод и за поставените прашања.

– За тоа не најдов законски основ па затоа поставив прашање до службите и до спикерот, но нема одговор. Интересно е и тоа што на пратениците им се признаваат само повисоките трошоци односно доаѓањето на работа со сопствен автомобил плус патарината, но не им се признава доаѓањето на работа со автобуски или со друг вид јавен превоз. Таков е случајот со нашиот пратеник кој доаѓа од Штип. Собранието нему не му ги признава трошоците за билет како патен трошок – вели Апасиев.

Според него, пратениците посебно во сегашните услови не треба да бидат попривилегирани од другите вработени во земјата од кои наголемиот број не добиваат никакви пари за патни трошоци, уште помалку за патарини.