Бугарскиот премиер Бојко Борисов попладнево на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук се огласи по повод 118 годишнината од загинувањето на револуционерот Гоце Делчев. Во објавата тој го нарече „големиот бугарски револуционер и македонски војвода“.

„Денеска се одбележува 118-годишнината од трагичната пропаст на големиот бугарски револуционер и македонски војвода Гоце Делчев, кој го даде својот живот за слободата и автономијата на Македонија и Едиринско.

Гоце Делчев е еден од најсилните симболи на нашата заедничка историја со Република Северна Македонија, заедничка историја која е легната во срцето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.

Нека биде пример неговата жртва како, час попрво, да го најдеме вистинскиот пат кон нашата заедничка европска иднина. Вечна памјат!“, напиша Борисов.

Револуционерот со години е тема за која решение не може да најде македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања која е формирана согласно Договорот за пријателство од 2017 година. На последните средби иако Гоце Делчев беше на дневен ред не се стигна до тоа прашање поради расправата за теми од средновековието.

Најголемото несогласување за Делчев, според претходните јавни изјави на членовите на комисијата, беше тоа што бугарските членови тврдат дека тој е Бугарин, а македонските дека комисијата не треба да ја утврдува неговата национална припадност туку прашањето да се реши со мултиперспективност

Извор slobodnaevropa.mk