Борче Стаменов е пример за хуманост, особено во време на пандемијата. Во овој период, кога децата учат онјалн, тој секој свој слободен момент го посветува на тоа да поправи стар компјутер или лаптоп и да го подари на оние кои не можат да си дозволат да си купат. Акцијата на Борче наречена „Донирај компјутер“ започнала сосема случајно, во 2016 година.

„Идејата дојде од таму што ние како фирма за изработка на книговодствен софтвер, честопати имаме клиенти кои својата опрема ја менуваат преку набавки од кај нас. Компјутерите кои ги менуваат по отпишување ги оставаат овде. Токму тие компјутери беа и првите десетина или дваесет кои се дадоа на почетокот. Мотивот беше да се помогне на нашите граѓани кои не можат да си дозволат да купат нов компјутер“, изјави неодамна Борче.

Кај неговите кавадарчани и кај Фејсбук пријателите е познат по оригиналниот хумор и по искреноста на социјалните мрежи, а пошироко како човекот кој поправа стари компјутери и ги донира на ранливите категории.

,,Ја завршивме и осмата сезона. Донирани 800 компјутера. Кој сака нека честита”

Вака Борче Стаменов го соопшти донирањето на јубилејниот 800-ти компјутер. Борче веќе одамна ѝ е познат на македонската јавност по неговата хуманост. Тој е човекот кој неуморно работи на поправка на стари компјутери и нивно донирање. Кавадарчанецот веќе неколку години мами насмевки на лицата на оние на кои помошта им е најпотребна и предизвикува восхит кај сите нас.