Стана нормално двете политички партии да си имаат свои телевизии и медиуми. Од 2007 година навака ние се уништивме. Направивме карикатура држава. Не дека до тогаш се било идеално, дека течело мед и млеко, но Македонија беше понормална држава. Реално Никола Груевски ја разори демократијата во државата. Тие приказни дека паднал од власт дека бил голем демократ се бљувотини. Мојата емисија ја забранија. Тоа прв пат се случи 2007 година. Ние треба таму да се вратиме, да се помириме, да речеме, да сме грешеле, но дека е време да се помириме.

Вака новинарот Васко Ефтов ја започна својата најнова емисија во Центар.

Разликите меѓу македонците стана многу поголеми отколку разликите меѓу македонците и албанците. Ќе има крај на оваа пандемија и треба да се свртиме кон иднината. Можеби се ова овие моменти сега. Го слушав Пендаровски. Тоа чувство кое го имам подолг временски период ми е потврдено. Коментираше за 27 април. Претседател на држава не смее да прави две работи: Да оценува затворски казни и да оценува судски пресуди, вели Ефтов.

Тој во емисијата прави анализа на прашањето:

Што ќе прави Бранко Црвенковски? По разни портали пишува дека планира да прави политичка партија пред локалните избори? Ако тоа се случи тогаш Црвенковски ќе тргне по патот на Љубчо Георгиевски, додава Ефтов.

Георгиевски ја формираше ВМРО НП во периодот меѓу претседателските избори во 2004 и локалните избори во 2005 година. На локалните избори во 2005 година ВМРО НП беше сериозна конкуренција на ВМРО ДПМНЕ. Нешто слично како Љубе Бошковски и неговата кандидатура на претседателските избори во 2009 година, кога во вториот круг влегоа Ѓорѓе Иванов од ВМРО ДПМНЕ и едвај Љубомир Фрчкоски од СДСМ. Тогаш Љубе Бошковски и македонскиот барак Обама-Имер Селмани беа сериозни играчи на изборите.

Дали Црвенковски би можел да оди по патот на Георгиевски? Луѓето блиски до него се уште не ја отфрлаат идеата за формирање на нова партија. Но се чини дека карактерот, а богами и годините на Црвенковски, не се гаранција дека тој може да влезе во ризик како Георгиевски. Иако, за воља на вистината, кога Тито Петковски во 2005 година ја формираше НСДП тој беше една година повозрасен од Црвенковски.