Како што пишува порталот СДК.МК на предлог на Министерството за правда на денешната седница е утврден Предлог-законот за изменување на Законот за матична евиденција со кој ќе се овозможи признавање на родовиот идентитет на транродовите лица,

согласно позитивното меѓународно законодавство и почитувањето на сите човекови права.

Процесот на подготовка на овие законски измени почна во февруари 2019 година, еден месец по пресудата на Европскиот суд за човекови права за случајот на лицето Х против Република Македонија, според која Македонија треба да му исплати обештетување од 9.000 евра на трансродово лице, затоа што му е повредено правото на приватност и правото на ефикасен правен лек во текот на процедурите за промена на полот во земјава, стои во објавата на СДК.МК

„Законот за матична евиденција не обезбедува јасна процедура за промена на ознаката за пол. Потребно е уредување на постапката за правно признавње на род со цел спроведување на Пресудата на Европскиот суд за човекови права за случајот на лицето Х против Република Македонија (Application no. 29683/16) од 17.01.2019 година како и негово хармонизирање со меѓународните стандарди во оваа област“, соопштија тогаш од Владата.

Согласно постојните закони, трансродовите луѓе можат да си го сменат името за делумно усогласување на податоците во документите за идентификација со својот родов идентитет, но не постои јасна постапка за промена на ознаката за пол и единствениот матичен број на граѓанинот.

Со предложените законски измени, се овозможува правно признавање на родот со постапка во која поединецот може да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција и на тој начин да му се признае родовиот идентитет, по што ќе може да се смени полот во личната карта.