Оние кои веќе поминаа еден викенд во Грција велат дека оваа година, барем во пред сезоната цените се нешто пониски.

Тоа може да се забележи во продавниците, рестораните за брза храна и секаде каде што се продаваат прехрамбени продукти.

Гирото оваа сезона чини од 2 до 2,5 евра во овој период од годината но оние кои често одат во Грција велат дека овие цени веројатно ќе се зголемат кон средината на идниот месец. Кафето има различна цена во зависност од тоа каде ќе го купите. На плажа нескафе и оваа сезона се продава меѓу 3 и 4 евра а едно пиво на плажа е околу 3 евра.

Во продавниците пак, се разбира во зависност од тоа колку се оддалечени од центарот на случувањата во местото во кое што одите, цените варираат.

Оние кои се на шеталиштата имаат нешто повисоки цени, додека малку подалеку од центарот, можете да најдете и поевтини производи. Пиво во продавница е околу 1 евро за лименка. Доматите се од 2 до 3 евра по килограм, една краставица чини половина евро а на пример една четвртина бурек е околу 1,8 евра.

Цените на плажите, онаму каде што се наплаќаат лежалки немаат некоја поголема промена. Ако нарачате пијачка, лежалките и чадорот ќе ги користите бесплатно.