Граѓаните кои сакаат да ги посетат вечните почивалишта на најблиските тешко можат да стигнат до гробовите. Причината се големиот број на улични кучиња кои се собираат во скопските гробишта, а за кои градските служби немаат очи. Скопјанка, која денеска се обиде да стигне до гробното место на нејзин близок, вели не успеала од страв дека ќе биде нападната од огромното куче кое не сакало да се тргне.

Ѝ кажале дека вчера едно од кучињата нападнало постара жена на истите гробишта. Вели ни едно од кучињата немало ознака дека било заловено, стерилизирано или вакцинирано.

Скопјани година и половина беа без соодветна служба за справување со бездомните кучиња по затворањето на „Вардариште“. Градоначалникот Петре Шилегов долго го најавуваше новиот стационар, на истото место, а сега кога конечно е отворен – граѓаните не ја гледаат разликата.

Во полицискиот билтен, како и кога не работеше фамозната „Лајка“, па така и сега, регистрирани се по минимум еден искасан граѓанин дневно. Граѓаните на социјалните мрежи реагираат дека стационарот воопшто не ги реши проблемите, зошто улиците сè уште вријат од кучиња скитници.

Во градот се пребројани и забележани во регистар околу 2.500 кучиња скитници, а стационарот располага со 50 бокса. Според протоколите, доколку заловените кучиња не се вдомени, тие се враќаат на истата локација

Тука е и скандалозниот случај со пребегнат домашен миленик, расно куче, по кого сопствениците трагале цел месец, за конечно да го видат огласен за вдомување од страна на „Лајка“, од каде им барале 300 евра за да им го вратат.