Во овој период, како народ сме исправени и пред разни предизвици, кои нè засегаат не само во денешницата, туку и особено во иднината. Беше најавен попис на населението, па поради пандемијата е одложен. Но кога и да се одржи, и како жители и како Македонци, потребно е задолжително да ја извршиме таа обврска, која ќе покаже не само колку сме, туку и каде сме, а сето тоа да се организира и да биде усогласено со меѓународните стандарди, рече во своето велигденско послание поглаварот на МПЦ-ОА Г.г. Стефан.

Тој се осврна и на најавените реформи во образованието и рече дека не може да се молчи пред иницијативите на некои групи, кои сакаат своите определби да ги наметнат над мнозинството.

– Во образованието, во форма на некакви чудни реформи, од кои е исклучена објективната јавност, се прифаќа менувањето на нашиот историски, културен и духовен идентитет. На овој начин е засегната не само нашата сегашност, туку и иднината, зашто децата уште од најмала возраст се насочуваат кон туѓи, несоодветни и недостојни вредности, со кои се разнебитува личноста, а кои се спротивни на светогледот на нивните родители.

Предложените процеси се толку еднострани и во нашиот општествен контекст многу недоследни, па во отвореното општество за сите, нема место за етиката и моралните вредности на религиите, нема место за искуството на црквата, нема место за Бога – рече владиката Стефан.и