Министерот за здравство, Венко Филипче, неодамна најави дополнително олеснување на мерките, доколку и во следниот период продолжи трендот на намалување на бројот на заразени од коронaвирусот.

Филипче најави и организирање на свадби на отворен простор со сите здравствени протоколи, најверојатно од јуни.

– Многу е веројатно да се случи, ако продолжат овие трендови на намалување, но не можам да тврдам. Мислам дека маските треба да се носат и понатаму, сѐ уште е рано да се тргнат како мерка. Понатаму, угостителските објекти да продолжат да работат само надвор, не внатре. Да се дозволат свадби после долго време, со протоколи во однос на пополнетост на капацитет во надворешни услови и евентуално да се излезе во пресрет на барањето за зголемување на бројот на посетители по маса. Сите други протоколи во однос на организација на настани соодветно е да продолжат и понатаму – најави министерот.

Иако се чека официјална одлука со која би се дало дозвола за организирање семејни веселби, во Битола веќе има семејни веселби. Имено, на социјалнаата мрежа ,,Фејсбук” споделено е видео кое одеше во живо, а на кое се гледа семејна веселба.

Според објавеното видео во живо на фејсбук, на семејната веселба има поголема група на луѓе кои се веселат, без да се почитуваат протоколите кои се на сила.