Европската унија донесе одлука да ги отвори границите за сите патници кои го завршиле процесот на вакцинирање против коронавирусот.

Како што пренесува новнската агенција “AFP”, земјите членки на Унијата се договориле да бидат отворени границите за сите патници кои ги имаат примено двете дози од вакцината против коронавирусот.

Иако амбасадорите на земјите членки на ЕУ на состанокот во Брисел утринава донесоа одлука и за укинување на патните рестрикции за граѓаните на трети земји кои ги добиле двете дози од вакцината против коронавирусот, оваа одлука би требало да биде потврдена на нивото на Советот на ЕУ во петок.

Челниците на ЕУ преговараат и за воведување на дигитални зелени потврди, со што ќе започне спроведувањето на планот за витален спас на претстојната туристичка сезона. Оваа зелена потврда ќе биде доказ дека лицето е вакцинирано, има негативен тест или антитела на коронавирусот.

Целта на потврдата е што поскоро да се укинат мерките кои моментално се на сила кога е во прашање патувањето меѓу земјите. Меѓутоа, на секоја од 27-те земји членки останува да одлучи какви погодности сертификатот носи во рамките на своите граници.

Се очекува ЕУ целосно да ги отвори своите граници за целосно вакцинираните од почетокот на јуни.

Задолжителните тестирања на коронавирус пред и по доаѓањето или карантинот и натаму ќе бидат на сила во одредени земји членки, но од ЕУ порачаа дека тие мерки постепено ќе попуштаат како што вакцинирањето ќе напредува и доколку ситуацијата во одредени земји биде подобра.
https://twitter.com/vonderleyen/status/1389141961190301696?ref_src=twsrc%5Etfw%7Ctwcamp%5Etweetembed%7Ctwterm%5E1389141961190301696%7Ctwgr%5E%7Ctwcon%5Es1_&ref_url=https%3A%2F%2Ftocka.com.mk%2Fvesti%2F377248%2Feu-donese-odluka-se-otvoraat-granicite-za-vakciniranite-patnici
Според претходните информации, овие потврди за примена вакцина ќе важат само за вакцините одобрени од страна на Европската агенција за лекови (ЕМА). Агенцијата досега ги има одобрено вакцините на Фајзер, Модерна, Џонсон и Џонсон и Астра Зенека.

Вакцината Спутник и натаму е во процес на анализирање од ова европско тело и се додека не биде одобрена, овие потврди нема да важат за лицата кои ја примиле руската вакцина.