Премиерот Зоран Заев вели дека утре на владина седница ќе го потврди она што го најави, а тоа е да биде разрешен директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.

Разрешувањето на Пауновски ќе биде една точка на дневен ред на утрешната владина седница.

Заев всушност како од пушка одговори на новинарското пшрашање за Пауновски, што значи дека се подготвувал за ова прашање и за сите закони и прописи, кои, како што рече не ги почитувал, а требало, Пауновски.

Вели дека причина за тоа е што Пауновски не ги почитувал законите, а не го почитувал ни етичкиот кодекс.

Сепак, Заев утре ќе ги прими на разговор пазарните инспектори од ДПИ, кои до него ќе ја достават петицијата, со која се бара да не биде сменет Пауновски, и ќе го информираат за сите успеси што инспекторатот ги постигнал за време на менаџирањето на Пауновски.

„Преку мојот кабинет ги информирав почитуваните инспектори дека утрото во 9 часот ќе имаме состанок, на кој ќе ги сослушам нивните аргументи. Седницата на Владата е потоа во 12 часот“, рече премиерот Заев.

Замолен од новинарите да биде прецизен дали Пауновски ќе биде разрешен на утрешната седница, премиерот рече.

„Утре ќе го потврдам на седница тоа што го соопштив претходно на јавноста. Се работи за закон, сите треба да го почитуваат законот. Овде станува збор за непочитување на законот. Исто така се работи и за непочитување на етичкиот кодекс“, нагласи премиерот Заев.

А, откако новинарите направија споредба со случајот на Драги Рашковски, премиерот тврди дека Рашковски го почитувал етичкиот кодекс, и откако се вратил од одмор, си поднел оставка.

Прермиерот вели дека за ова прашање се отворила дебата во јавноста, што е демократски, но, како што нагласи, сака да ја информира јавноста дека Пауновски не сакал да бара решение за проблемот.

„Сакам да ја известам јавноста дека директорот Пауновски беше детално информиран за неговото непостапување на 5,10 и 21 април од МИОА, а и по повеќе усни укажувања, тој не побара средба, не разговараше и не понуди начин за решавање на проблемот. Инаку, неговиот допис дека овие вработени се неприфатливи до вицепремиерот Груби и до мене тој ги достави уште во јануари годинава“, рече Заев.