„Прво е многу несериозно да се откажете од договор, кој веќе е почнат да се реализира и има уште многу што да се направи. Кој ќе прави нов договор? Дали може самиот да постигне договор, зашто прашање е дали тоа ќе го сака и другата страна. Нашиот народ може само да гледа, слуша и да цени за тоа што се кажува. За некои договори да се направат се потребни 30 години. Најлесно е нешто да се поништи и да се погази, а тешко е да се постигне нешто и да се изгради, со што ќе се отвори перспектива за младите. Треба да се покаже сериозност. Ние добивме блокада, но не се откажавме од реформите. Најлесно е ништо да не правите.“- вели премиерот Зоран Заев, во интервју за неделникот Фокус, одговарајќи на прашање поврзано со предлогот на Христијан Мицкоски, Северна Македонија еднострано да го напушти договорот со Бугарија.

Според премиерот Левица е фејк, бидејќи се претставуваат како левичари, а се радикални десничари.

„Левица е голем фејк во нашето општество. Се претставуваат како левичари, а се радикални десничари. Тие не се иднината на оваа земја“ кажа Заев во интервју за „Фокус“.

Тој додаде дека лесно е да се собираат националистички и популистички поени, но јуначки е да се решаваат проблемите и да се спроведуваат решенијата.

„Тие често зборуваат невистини и ги охрабруваат младите, но не само што ќе биде поразително за тие млади, туку ќе им ја скрши душата“ , вели Заев.

Во врска со локалните избори, премиерот Заев повтори дека очекува видлива и недвојбена победа, која според него, ќе зависи од коалициониот настап како и од изборот на личности.

„Иако ја предводиме најголемата партија размислуваме за можни коалиции и соработки. Спремни сме да споделиме одговорност,но и да бараме поддршка од сите. Во единството е силата и победата. Некаде ќе има коалиција во вториот круг, некаде уште во првиот. Се ќе зависи од квалитетот на кандидатите“ кажа Заев.