По официјалните средби со европските лидери и високи претставници на Европската комисија и Европскиот парламент, премиерот Зоран Заев во видеообраќање од Брисел порача дека добил поддршка и разбирање дека Северна Македонија не сака да преговара за идентитетот и јазикот.

„Сите европски лидери и претставници ја знаат и ја разбираат нашата позиција – додека некој се обидува, а гледаме дека се обидува, македонскиот јазик и македонскиот идентитет да ги стави на европската маса за преговори, ние нема да преговараме. Порачавме јасно и гласно и повторивме – тргнете ја секоја дискусија за македонскиот јазик и македонскиот идентитет од масата за разговори во Брисел – после тоа можеме да продолжиме да разговараме за нашата европска иднина“,

изјави Заев.

Од Брисел, Заев патува за Мадрид каде што ќе има средба со претседателот на Владата на Кралството Шпанија, Педро Санчез и со Пилар Лоп Куенка, претседателка на шпанскиот Сенат.