Премиерот Зоран Заев не верува дека поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, кој 20 години беше на чело на оваа партија, би можел да формира нов политички субјект за настап на локалните избори во втората половина во октомври.

– Гледам овие денови темата е присутна во јавноста а никој не прашува дали е точно. Бранко Црвенсковски не може да биде ништо друго освен СДСМ. Тоа не е точно, но дефинитивно него треба да го прашате. Тој е еден од основачите и бил премиер и претседател на државата и е наш општественик. Шпекулациите се присутни поради новата листа во Охрид од наши докажани социјалдемократи. СДСМ покажа сериозно единство и за време на опозиција и за време на власта. Убавината кај нас е што сме многу различни низ своите сваќања, Знае и раководството да се повлече пред членството, знае и членството да се повлече пред раководството, рече Заев.

Актуелниот претседател на СДСМ денеска заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски, изврши увид на реновираниот објект на полициската станица во Ресен.

Шпекулациите говорат дека поранешниот премиер и претседател на Македонија, Бранко Црвенковски, ќе формира партија заедно со незадоволните од СДСМ. Гласините се засилија откако веќе се појавија независни листи во неколку општини а истовремено Радмила Шекеринска по осум години се повлекува од функцијата како потпретседател на владеачката партија.

Засега екс претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски молчи по однос на овие шпекулации и не излезе во јавноста со своја изјава. При неговото последно обраќање во јавноста тој го критикуваше актуелниот премиер и претседател на СДСМ Зоран Заев и ја повика партија да се огради од неговите ставови

Во таа прилика тој го замрзна своето членство во партијата и ги повика членовите на СДСМ под итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО, ниту на СДСМ во целина

„Она што може и мора да се направи е да се стави јасно на знаење дека ставовите на Заев не се ниту ставови на целата Влада, ниту на целиот државен врв. Зоран Заев е претседател на СДСМ и наша е задачата да ја намалиме штетата колку што е можно повеќе. Ако нема никаква реакција ставовите на Заев ќе станат ставови застапувани од целиот СДСМ, а бидете убедени тоа ќе има катастрофални последици по партијата и што е уште полошо по државата“, рече Црвенковски во обраќањето до сопартијците, испратено до медиумите во таа прилика.