Продолжениот викенд, за прв пат од почетокот на пандемијата, ја зголеми сообраќајната раздвиженост на граничниот премин Богородица, што беше забележливо уште во текот на вчерашниот ден, потврдија утрово за МИА од дежурната гранична служба.

– Од отворањето на граничниот премин Евзони, на грчка страна, изминативе седум дена преку Богородица на дневно ниво транзитирале во просек по 1300 до 1400 патници на излез и влез во земјава, а само вчера тој број е зголемен за две илјади патници повеќе, што значи дека во двата правци низ ГП Богородица транзитирале 3500 патници од кои 2020 македонски и 1480 странски, меѓу кои најбројни биле државјаните на Србија, соопштија од дежурната гранична служба.

И денеска од утринските часови состојбата на ГП Богородица е непроменета. Интензитетот на преминување на границата е ист без поголема сообраќајна гужва поради разреденото пристигнување на возилата.