Поради епидемијата од коронавирусот и постојаното носење маски подзаборавивме на квалитетот на воздухот и неговото загадување.

Скопјани месеци наназад дишат почист воздух, отровните ПМ10 честички бележат опаѓачки тренд, покажуваат најновите извештаи на Министерството за животна средина, известува Канал 5 телевизија.

Според анализите, годинава во април максималната средна концентрација на загаден воздух во главниот град изнесувала 44,4 ПМ10 честички на метар кубен – и е речиси двојно помала во споредба со истиот месец во 2019 година. Само една мерна станица регистрирала надминување на граничниот праг на вредноста, и тоа онаа во Лисиче, но зголемувањето било незначително.

Значаен удел имаат и поволните метеоролошки услови, односно ветерот кој игра голема улога во расчистување на прашината и другите канцерогени честички во воздухот.

Мониторинг системот во земјава годинава ќе се збогати со уште 2 мерни станици, вели државниот секретар од Министерството за животна средина Каја Шукова. Уверува дека постојните мерни станици редовно се одржуваат и сервисираат со цел да обезбедат релевантни информации за квалитетот на амбиенталниот воздух што се основа за креирање мерки.

„Постојано се одвојуваат средства за сервисирање и набавка на нова опрема. Еве нова информација е дека оваа година, после подолго време, во буџетот на државата се издвојуваат средства за набавка на две нови мониторинг станици и исто ќе продолжиме и понатаму, Очигледно се преземени добри мерки, ова е долг процес меѓутоа со време ќе даде позитивни резултати.“

Скопје веќе подолго време го нема на врвот на најзагадени градови во светот. Според апликацијата IQair главниот град се спушти на 380 позиција и е во групата на умерено загадени градови на планетата.

За да се задржи континуитетот на овие позитивни вредности, надлежните велат дека инспекторите се постојано на терен, се расчистуваат дивите депонии, градот се зазеленува, се носат автобуси на гас а на граѓаните преку субвенции им помагаат да ги заменат нееколошките огревни средства.

ИЗВОР: Канал5