Како што пишува порталот А1он.мк сонцето деновиве ги извади скопјани надвор. Од видеата кои ги постираше порталот А1он може да се забележи дека огромен број на луѓе го искористија времето да излезат во градскиот парк. Од снимките се гледа дека ретко кој од нив носи маска и ги почитува мерките за растојание односно групирање.

Порталот А1он пишува дека на протоколите и ограничувањата внимавале само повозрасните луѓе.

Фото: Скрин од видеото на А1он.мк

Во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 942 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Вкупно 639 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град, информира Министерството за здравство.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 1.581 и има околу 440 празни болнички кревети во ковид центрите.

И се дури ова се случува надвор, се дури дел од граѓаните не ги почитуваат мерките, нивните сограѓани угостители бараат отпишување на долговите од каматите.

Реализацијата на шестиот пакет економски мерки за неповратна финансиска помош и поддршка на угостителската индустрија ќе им овозможи делумно на угостителите да ги надоместат штетите и загубите за периодот на важењето на последната рестриктивна мерка од 6-ти Април 2021 год. со која одлука на Владата се уште им е забрането да работат со гости во угостителските објекти.

Со цел да излеземе во пресрет на комерцијалните банки и да им ја олесниме наплатата на доспеаните обврски по основ на кредити и камати од угостителите и угостителските работници денес со е-пошта доставивме иницијатива до Анита Ангеловска-Бежовска, Гувернер на Народна банка на РМ за промена на законска регулатива, одлуки, акти и останати законски прописи со кои ќе им се овозможи и наложи на банките да направат одложување и отпишување или репрограмирање на сите доспеани обврски и кредити на друштвата и нивните вработени од угостителска индустрија за период од најмалку една година од завршетокот на пандемијата Ковид-19.

Угостителите и вработените во угостителската индустрија се корисници на безмалку 100тина милиони евра комерцијални краткорочни и долгорочни кредити од македонските банки. Скоро да не постои угостител или угостителски работник корисник на разни кредити кои минатите месеци секојдневно не се соочува со притисоци на телефонски јавувања и други опомени од банките за плаќање доспеани обврски по основ на кредити, камати и рати.

Факт е дека роковите од минатата година со кои се направени репрограмирање од страна на банките завршија, но пандемијата Ковид-19 сеуште трае со што угостителите и вработените во угостителската индустрија повторно се соочуваат со предизвици да ги исполнуваат обврските по основ на рати и камата во услови кога работат со половични капацитети и ограничено работното време со посебен режим на строги препораки и протоколи за работа или им е забранета во целост вршењето на дејноста. Со оглед дека ниедна комерцијална банка ниту Народната банка не превземаат активности за промена на законска регулатива, одлуки, акти и останати законски прописи со кои ќе им се овозможи на банките да направат одлагање, отпишување или репрограмирање на доспеани обврски – рати за кредити и камати на најзагрозените индустрии кои трпат енормни последици, штети и загуби поради пандемијата ковид-19 ја поднесовме оваа иницијатива до Гуверенерот на Народна банка, а копии од истата доставивме и до сите банки, Претседателот на РМ, Претседателот на Влада на РМ, Министерот за финансии и Министерот за економија.

Се надеваме дека оваа иницијатива ќе биде прифатена со што ќе се изнајдат начини и модели да се отпишат дел од долговите по основ на камати, да се одложат и репрограмираат сите доспеани обврски заклучно до 30.04.2021 год. и да се овозможи дополнителен грејс период на исплата на рати заклучно со 30.04.2022 година со што би им се овозможило не само на угостителите, туку и на угостителските работници да ги стабилизираат своите приходи, изнајдат сили да ги подмират другите доспеани обврски и да ја сочуваат и продолжат својата работа и егзистенција со насмевка и ведрина.