Вчера нешто по пладне, на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје, се судриле камион „Ивеко“ и полициска „Шкода Јети“, при што бил повереден полицаецот кој ја возел „Шкодата“, информираа од МВР.

„На 03.05.2021 во 13.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „шкода јети“, сопственост на МВР и товарно возило „ивеко“, со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Д. од Скопје. Во незгодата, возачот на возилото „шкода јети“ се здобил со повреди, констатирани во Градската општа болница „8 Септември“, велат од МВР, додавајќи дека на местото на несреќата бил извршен увид.

788 санкции за несовесни возачи низ целата држава

Во текот на вчерашниот ден Министерството за внатрешни работи спроведе зајакната акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 788 возачи.

Од нив, 111 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а 21 возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина.