Во Германија, една од најбогатите земји во светот – секој шести граѓанин е на работ на сиромаштија. Кој сѐ се смета за сиромашен во Германија и колку пари се потребни за да се преживее и живее во оваа земја?

Бездомници кои спијат на улица, мајки кои се одрекуваат од оброците за да има повеќе за децата, пензионери кои во контејнери бараат пластични шишиња. Иако Германија со своите 83 милиони жители е една од најбогатите земји во светот, 13,8 милиони луѓе во земјата се на работ на сиромаштија или живеат во немаштија. Ова се податоците од актуелниот извештај за сиромаштија кој еднаш годишно го објавува Германската агенција за доброволни носители на социјална и на медицинска нега. А, германската влада во својот извештај за сиромаштија констатира дека сѐ поголем е јазот меѓу богатите и сиромашните.

Тоа не значи оти луѓето во Германија умираат од глад или од студ бидејќи никој не им помага, или дека умираат од болести бидејќи немаат пристап до медицинска нега. Постои социјална разлика меѓу апсолутната сиромаштија, кога луѓето не можат да ги задоволат основните потреби и релатвната сиромаштија, која се мери со просечните животни околности на едно општество.

Германија се дефинира како социјална држава. Кој не може да најде работа или не е во состојба да работи, а нема приходи, добива основна социјална помош. Колоквијално таа се вика Харц IV. Се добиваат пари за животни трошоци, а трошоците за кирија, греење, вода и здравствено осигурување ги презема државата. Во 2020 година во Германија така живееле 5,3 милиони луѓе – со делумен или цел пакет помош Харц IV.

Самохран родител на едно дете добива 449 евра месечно. За тие пари мораат да се платат животни намирници, облека, средства за одржување хигиена, интернет, телефон и струја, како и сите останати трошоци во домаќинството. Ако двајца сиромашни живеат во заедница тогаш добиваат по 404 евра. Но, за секое дете во зависност од возраста се плаќа меѓу 285 и 376 евра.

Целиот текст на Дојче Веле.