На четири месеци пред одржувањето на локалните избори, во јавноста веќе се вртат имињата за можните кандидати за нови градоначалници.

Во партиите веќе подолг период се одвиваат внатрепартиските анкети кои се фаворитите за четиригодишниот мандат, но засега никој официјално не открива кои имиња влегуваат во најтесен круг.

Лидерите на најголемите политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев, засега не откриваат детали за можни предизборни коалицирања, но секако до есен се отворени секакви сценарија. И едните и другите веќе се на терен меѓу граѓаните и очекуваат победа на локалните избори.

Дали Петре Шилегов ќе бара доверба за нови четири години од скопјани, или Заев планира ново име за неговата фотелја засега е неизвесно. За негов противкандидат од редовите на опозицијата се шпекулира со името поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски, но досега нема официјална потврда дека поранешниот градски татко повторно би се кандидирал за функција.

Во опозициските кругови за метрополата се шпекулира и со името на поранешниот министер за финансии Трајко Славески.

Медиумите во последниот период ја споменуваат и Софија Куновска како кандидат за прв човек на Скопје. Куновска беше шефица на скопскиот огранок на СДСМ, но последниве неколку години остро го критикува актуелното раководство и политиките на СДСМ, па неизвесно е како ќе настапи во октомври доколку се кандидира за градска функција.

Интересно е каков став ќе заземе раководството на СДСМ за Куманово, со оглед на тоа што актуелниот градоначалник Максим Димитриевски во неколку наврати не се согласува со политиките на раководството на владејачката партија, а така беше и на партискиот конгрес кој се одржа пред 10 дена.

Од друга страна, Димитриевски, е градоначалник со највисок рејтинг во Македонија, и неодамна во изјава за весникот ВЕЧЕР рече оти очекува поддршка од партијата за нови четири години.

Повеќе на www.vecer.press