По влегувањето во Словенија, Хрватска и Србија, германскиот трговски синџир „Лидл” ќе го отвори својот прв супермаркет и во Северна Македонија, објави специјализираниот портал „Јуропеан Супермаркет Магазин” (ЕСМ), со седиште во ирскиот главен град Даблин, пишува БИЗНИС

Според ЕСМ, германската компанија минатиот месец регистрирала своја подружница во земјава под името „Лидл Северна Македонија”, која ќе биде под надлежност на бугарскиот огранок на „Лидл” и со неа ќе раководат Милена Драгијска, Бисер Инчовски и Љубомир Хрсев.

Предвидено е „Лидл” на стартот да инвестира 500.000 евра во земјава.

Според неофицијални извори, „Лидл“ ќе стартува со една продавница и тоа во туристичкиот центар Охрид, а веќе се дискутира и за конкретна локација кај новата автобуска станица.

Според порталот, интересот на „Лидл” за отворање супермаркет во земјава следи откако неговата продавница отворена во јануари во Врање, привлече голем број купувачи од Северна Македонија, но и од Косово.

Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, пред некое време одржаа состанок во Владата со менаџментот на германскиот трговски синџир „Лидл“, којшто има веќе свои маркети во Србија, Бугарија и Грција.

На средбата во однос на стратегијата за експанзија, беше истакнато дека сите маркети кои „Лидл“ планира да ги отвори во земјава ќе бидат позиционирани во градовите со одржлива демографска и економска моќ.

Извор: бизнисвести.мк – „Лидл” ќе инвестира 500.000 евра – германскиот супермаркет влегува во нашата земја! – Бизнис Вести (biznisvesti.mk)