Бележиме значително намалување на притисокот врз болниците кај нас и во регионот, капацитетот на исполнетост во болниците ширум државата е некаде помеѓу 20-30%.

Голем број на ковид центрите се затворени, до крајот на неделата и одделенијата во зградата на интерните клиники се очекува да бидат вратени во нормала.

Донесените мерки остануваат да важат до 1 јуни, продолжува препораката за карантин од 14 дена за сите патници кои доаѓаат од Африка, Индија, Јужна Америкa.

Вакцинацијата се одвива добро, близу 200.000 граѓани се вакцинирани,од нив 30.000 ревакцинирани, во државата се аплицирани близу 220.000 дози на вакцини.
Продолжува вакцинацијата на сите пријавени во системот и веб сајтот vakcinacija.mk над 40 години, опфатени се дополнително пријавените граѓани над 65 години после 1 мај.

Согласно одлуките на Комитетот за имунизација и Националната група се прават распоредите за приоритетни групи. Во тек е и вакцинацијата на пациенти на дијализа и пациенти коишто се трансплантирани.

Според најавите од Кинеската амбасада, 500.000 вакцини од Синовак треба да пристигнат на почетокот на јуни. Дополнителни 100.000 вакцини на Фајзер преку Ковакс системот во текот на месец јуни.

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска најави дека од идната недела во државава ќе се издаваат ковид сертификати со кои ќе може да се патува во европските држави. Дигиталниот сертификат ќе има кју-ар код од кој ќе може да се прочитаат податоци за завршена имунизација против коронавирусот, или пак податоци за направен ПЦР тест или за антитела.

„Ние следната недела ќе го издадеме и т.н. грин пас. Тоа ќе е оној електронски кју-ар код што ќе има податоци за вакцината, за ПЦР-тест и евентуално за антитела, па кој било од трите параметри, за да може патникот да ги има со себе ако се патува во која било европска земја“, изјави Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.