Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, денеска е во посета на Прилеп каде оствари средби со Стопанската комора, а подоцна ќе се сретне и со претставници на тутунарите. Тој даде и изјава за медиумите каде порача на Заев и луѓето околу него да не си играат со идентитетот на македонскиот народ и со македонската нација.

Тој им порача на властите во ниту еден случај да не прифатат договор каде што ќе потпишат и една реченица која ќе биде едносмислена, двосмислена или повеќесмислена, а истата ќе го задира идентитетот на македонскиот народ.

– Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера тој договор да го почитува, а ова е порака до бугарските власти – еднострано ќе го напуштиме, без разлика на политичките реперкусии кон мене и кон Владата на ВМРО-ДПМНЕ, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Немаме намера да отстапиме дополнителни национални концесии, доволно понижување истрпе овој народ и оваа нација и граѓаните.

– Апелирам до европските политичари тоа што го ветија, тоа да го испорачаат, истакна Мицкоски.

Премиерот Зоран Заев во интервју за Фокус вели дека во две години со Бугарија договоривме пет историски личности и три периоди за заедничко славење.

„Договорите се обврска на двете страни, кои ги потпишуваат. Наше гајле е ние да го спроведуваме она што е наша обврска. Поуспешни сме од било кои други договори што се постигнати во модерна Европа. Еве да земеме, на некои историските комисии им требало и по 20 години да дојдат до решение. А, ние во првите две години успеавме да се договориме за 5 историски ликови и 3 историски периоди и ги славиме заедно. Историјата билатерално да се решава и за неа да разговараат експерти и историчари, иако историјата е динамична наука и секој има право на различни погледи, аргументации и докази за својата автентичност.

Очекуваме одговорност и од другата стана, затоа што имаат обврска во Договорот за континуирано поддржување и помагање на РСМ. Јасно кажав дека Бугарија еклатантно го крши членот 2 од Договорот. Тие секогаш искажуваат незадоволство од реализација на Договорот, но не треба да се заборави дека нашата земја помина низ референдум, промена на Уставот, а дојде и пандемијата.“– изјавува премиерот Зоран Заев, во интервјуто за Фокус.

Премиерот вели дека со Бугарија потпишавме дека имаме заедничка историја, но целиот Балкан има таква историја.

„Можам да кажам само свое мислење. Но, знам дека сум претседател на Владата со огромна одговорност и чест и знам каде се и кои се нашите црвени линии, и дека не можам ниту јас, ниту некоја друга влада, или пак, Унијата да менуваат работи кои не се дозволиви за нив да се разговара, а камоли, да се менуваат. Зборувам за нашиот идентитет и јазик. Изнајдовме креативни решенија за проблемот со името и гледате дека имаме не само пријател во јужниот сосед Грција, туку и стратешки партнер и еден од најголемите поддржувачи и инвеститори.“– истакнува премиерот Зоран Заев во интервју за неделникот Фокус.

На прашањето дали некои негови изјави дале можност на Бугарија да верува дека може да се направи ревизија на историјата, Заев одговорил: „Кажувате неточни констатации. Потпишавме дека имаме заедничка историја меѓу двата народа и тука да бидеме на чисто. Целиот Балкан има заедничка историја. Ние имаме наша сопствена историја, но и заедничка. Нели, османлиското ропство е заедничка историја и за нас и за Бугарија? Зарем Римското царство не го покривало целиот овој регион? Затоа денеска славиме заеднички ликови како Цар Самоил, Св.Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски. Точно и јасно знаев што кажувам и никогаш не биле моите непромислени изјави, туку биле отворени и чесни изјави.“