Не може никој да ме убеди дека претседател или премиер не може да ги испрати спортистите на Европско првенство. Премиерот би посакал среќа и ништо повеќе, но видовме дека можело и тоа да се забрани, мислам дека не даваме добра слика во јавноста, рече директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски во емисијата „Студио 10“ на ТВ24.

Поранешниот македонски ракометен репрезентативец кажа дека не ја разбира одлуката на ФФМ и претседателот Сејдини да им се забрани на претседателот и премиерот да ги испратат македонските фудбалери пред да отпатуваат на Европското првенство.

Тој балон систем што го споменуваат не вели дека фудбалерите не смеат да се видат со претседателот и премиерот за да им посакаат среќа. Ова не е во ред и се надевам дека ќе се најде решение првите луѓе во државата да ги испратат овие херои, спортистите се амбасадори на Македонија кажа Мојсоски.

Тој го потврди тоа што го кажа и премиерот Зоран Заев во телевизиско интервју, дека иницијативата за средба со фудбалерите дошла токму од нив и стручниот штаб.

– Средбата може да се случи на стадионот, со дистанца, на отворено. Премиерот би посакал среќа и ништо повеќе, кажа Мојсоски.