75-годишниот Алојз Абрам од Словенија е најмодерниот дедо на социјалната мрежа „Инстаграм“ познат под прекарот „Гремпс“. Зад неговиот профил стојат Алојз и неговиот внук кој го фотографира и му помага со модни совети.

Гремпс ја обожава уличната мода, а ужива и во рекреирање на стајлинзи на познати личности.

„На Божиќ 2016 година го прашав дедо ми дали сака да ја проба мојата облека. Изненадувачки, тој рече дека ќе го направи тоа, а потоа ја проба мојата облека и моите патики. Изгледаше толку кул што веднаш сакав да го фотографирам“, вели внукот на Алојз.

Две недели подоцна, ја објавив првата слика од Гремпс на мојот инстаграм-профил и сите беа воодушевени. Откако ја направивме првата фотографија, продолживме со идејата и така започна сè“, во една прилика изјави за „LADbible“ Јаник Даифенбах внукот на популарниот Алојз кој студира во Германија.

Дедото го следат милион луѓе на „Инстаграм“, а како што вели 23-годишниот Јаник, заедничкото хоби ги зближило уште повеќе.

Како што вели Јаник, неговиот дедо му покажал дека никогаш не е доцна да се започне нешто ново и го советувал да не се плаши да биде поинаков.

„Тој е најмирната личност што ја познавам и никогаш не се нервира. Покрај тоа, тој оди во теретана три пати неделно за да остане во форма. Се надевам дека ќе бидам како него кога ќе остарам“, рече Јаник.

Модните комбинации за Гремпс ги бира неговиот внук, а интересно е што тој носи таква облека и во секојдневниот живот.

„Уживам да поминувам време со мојот внук, да патувам и да добивам нова облека и обувки. За мене тоа е хоби… Веќе се навикнав да бидам модел и научив да позирам.

Инспирација ми е моето семејство, а особено мојата сопруга, која го обожава мојот стил. Таа е среќна што уживам во ова“, вели 75-годишниот дедо Алојз.