Американскиот претседател Џозеф Бајден потпиша уредба со која се проширува опсегот на вонредни мерки во врска со Западен Балкан, за замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои ја загрозуваат стабилноста во регионот, како и оние лица кои работат против Преспанскиот договор и Охридскиот рамковен договор, соопшти Белата куќа.

Првичната уредба беше донесена во 2001 година, како и критериумите за воведување санкции на САД за решавање предизвици како што се корупција и други потези со кои се опструираат клучните институции и меѓународни договори.

Со уредбата, Бајден нареди санкционирање на кое било лице за кое Министерството за финансии, во консултација со Стејт департментот, утврди дека е „одговорно или соучесник, директно или индиректно вклучено во активности или политики што ги загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на која било област или држава на Западен Балкан и ги поткопува демократските процеси и институции во регионот “.

Станува збор за лица кои:

-се одговорни, директно или индиректно, за закани по мирот, безбедноста, стабилноста или по територијалниот интегритет на која било област или држава во Западен Балкан.

-се одговорни, директно или индиректно, за поткопување на демократските процеси или институции во Западен Балкан.

-се одговорни или се вклучени, директно или индиректно, во нарушување или во дејствие кое го попречува или е закана по имплементацијата на кој било регионален безбедносен, мировен или договор за соработка или рамковен договор поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи ги Договорот од Преспа од 2018 година, Охридскиот рамковен договор од 2001 година, Резолуцијата 1244 на ОН, Дејтонскиот договор итн.

-се одговорни, директно или индиректно, за сериозни прекршувања на човековите права во Западен Балкан.

-се одговорни, или се вклучени директно или индиректно во корупција поврзана со Западен Балкан, вклучувајќи корупција поврзана со влада во Западен Балкан, или актуелен или поранешен владин функционер од кој било ешалон на власта во Западен Балкан, како злоупотреба на јавни фондови, експропријација на приватен имот или средства за лична корист или за политички цели, или поткуп.

Со казнените мерки би биле опфатени и лица кои се одговорни за „сериозни повреди на човековите права” и вклучени во корупција во регионот, вклучително и проневера на јавни средства, отуѓување на приватен имот за лична корист или за политички цели и мито “.

„Јас, Џозеф Бајден Помладиот, претседател на САД, го проширувам опсегот на итната состојба објавена со Извршната наредба 13219 од 26 јуни 2001 (Замрзнување на имот на лица кои ги загрозуваат меѓународните напори за стабилизација на Западен Балкан), прецизирана со Извршната наредба 13304 од 28 мај 2003 (Прекинување на итната состојба во врска со Југославија и модификација на Извршната наредба 13219 од 26 јуни 2001), наоѓајќи ја ситуацијата на територијата на поранешната Социјална Федеративна Република Југославија и Република Албанија (Западен Балкан), изминативе две децении, вклучувајќи го поткопувањето на поствоените договори и институции по распадот на поранешната СФРЈ, како и

широкораспространетата корупција во разни влади и институции во Западен Балкан, го отежнуваат напредокот кон ефективно и демократско владеење и целосна интеграција во трансатлантските институции и затоа претставуваат невообичаена и вонредна закана за националната безбедност и надворешната политика на САД“, се вели во Извршната наредба.

Како што соопшти Белата куќа, таа регулатива овозможува и санкционирање на актерите вклучени во „прекршувања или активности што го попречуваат или загрозуваат спроведувањето на каков било договор за регионална безбедност, мир, соработка или заемно признавање, рамка или механизам поврзан со Западен Балкан “.