Два стана, две куќи и 250 илјади евра во кеш во судската благајна била последната понуда на двајцата адвокати на Орце Камчев во обид да го убедат Апелациониот суд, осомничениот бизнисмен да биде пуштен од затворски во домашен притвор. Но апелационата судијка Тања Милева оценила дека гаранцијата не е доволна бидејќи и скопското Вишо обвинителство оценило дека и покрај толкава сума, се уште постои опасност од бегство, пренесува телевизија Телма.

Одлуката е донесена вчера и за осомничениот во Империја и Плацевите на Водно продолжува вториот месец од притворот во Шутка. Од Апелациониот суд за Телма потврдија дека одлуката е донесена и испратена во надлежниот скопски кривичен суд, каде ќе биде отворена и заведена после празниците.

Адвокатот на Камчев, Антонио Апостолски во телефонска изјава за Телма вели дека одлуката е донесена без да им се овозможи и да бидат повикани адвокатите на јавна седница која е законски задолжителна кога се расправа по жалби за вакви истраги и кривични дела.

Првично одбраната на Камчев понудила две куќи, една на Водно и онаа во Бардовци каде беа снимани видеата со Боки 13-ка и парите во Луј Витон чантата. Дополнително, Камчев понудил и 200 илјади евра во кеш. Така првата понуда за гаранција стигнала до милион и 430 илјади евра.

Но вишото обвинителство во своето мислење ја одбило понудата со оценка дека ниту толку пари нема да спречат бегство на Камчев. Тогаш адвокатите Тони Менкиновски и Антонио Апостолски ја дополниле гаранција со уште два стана во центарот на Скопје со вкупна вредност од над 240 илјади евра како и нови 50 илјади евра во готово. Апелациониот суд ја отфрлил понудата од вкупно милион и 700 илјади евра (1.723.929 евра) и не го сменил затворскиот во домашен притвор.
Извор: Телма
Целосната статија на телевизија Телма може да ја прочитате на следниот линк