Popova Shapka Macedonia

Инвестиции во ски-центри, фотонапонски централи, гасни електрани, ветерни паркови патната и железничката инфраструктура, во капацитети за преработка на отпад, како и најмалку 30 странски инвестиции од вкупно 654 милиони најавува Владата за наредниот шестгодишен период.

Сето тоа е дел од Интервентниот план за инвестиции ИПИ за периодот од 2021 до 2027 година, во кој има и инвестиции во прехранбената, автомобилска индустрија, градежништвото, трговијата, а според премиерот Зоран Заев досега се потпишани договори со инвеститори од Турција, Швајцарија, Канада, Италија, Германија, САД, Холандија, Словенија и со тројца од земјава. Вкупната пресметана вредност е осум милијарди евра, а најголем дел од нив, или 4,2 милијарди евра се приватни инвестиции или грант донации од ЕУ, концесии, јавни приватни партнерства. Со реализација на сиоте најавени инвестиции треба да се отворат околу 13.000 нови работни места.

Најголем дел од овие инвестиции во економијата, над три милијарди евра, се во енергетиката. Со јавно приватни партнерство или концесија во Осломеј ќе се гради фотонапонска централа од 100 мегавати, вредна 70 милиони евра. Таму се планираат 100 вработувања. Прв проект кој наскоро ќе се гласа во Собранието е инвестиција во ветерна електрана од 400 мегавати на германски инвеститор, кој го доставил целиот пакет до Владата, а преговорите се при крај. Со инвеститор од Луксембург седум-осум месеци се преговара за реализиација на инвестиција за претворање на отпадот во енергија, вредна 336 милиони евра. Со ова 48 општини ќе го решат проблемот со отпадот.

Еден од најавените проекти е и ски центарот Попова Шапка за кој е заинтересиран инвеститор од Европа, со кој, како што најавија од Владата договорот е пред финална фаза. Вредноста на таа инвестицијата е 50 плус 50 милиони евра. Скијачкиот центар ќе се издаде на 99 години на еден од најголемите инвеститори во скијачки центри во Европа. Се размислува и за тоа Попова Шапка да стане голф-центар, така што нема да биде само за зимски туризам. Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека понудата ќе оди заедно со ски-центарот Брезовица, за што е пратено писмо до косовската влада.

Освен ова завршена е студијата и за ски туристички центар Царев Врв на Осоговските Планини, по принцип на јавно приватно партнерство во вредност од околу 50 милиони евра.

ИПИ 2021-2027 содржи 3,144 милијарди евра во енергетиката, 2,729 милијарди во патната и железничката инфраструктура, 798 милиони евра во преработувачката индустрија, 300 милиони во малопродажба, по 500 милиони евра во јавното здравство и комуналната инфраструктура и 200 милиони евра во туризмот.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека со ова Владата наместо работа нуди нови шарени лаги и замајување на јавноста.

-Нема да не изненади доколку вети и 800 милијарди евра, бидејќи хартијата ги трпи лагите на Заев, ама народот памти колку пати излажал, рече Гордана Димитриеска Кочоска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Извор: Вечер-прес