Најголем меѓу сите празници, празник над празниците. Велигден е значaен во христијанската религија, бидејќи на овој ден верниците го прославуваат најважниот настан во историјата на човештвото – Воскресението Христово.

Воскресението Христово како по својата големина, така и по своето значење е од голема важност, затоа што Христос ако не воскреснеше празна ќе беше проповедта на сите апостоли, но празна ќе беше и верата наша, вели отец Сашко во разговор за МИА.

– Обичаите најмногу влечат корен од самото време на апостолите. На пример, посебен обичај е вапцувањето на црвени јајца, јајцето кое е симбол на воскресението, зошто од јајцето изникнува животот и тоа уште Евреите го применувале како еден подарок што обично го подарувале посиромашните кон другите луѓе како почит, благодарност за нешто. Така оној момент кога Марија Магдалена отишла во Рим и на царот Тибериј му подарила јајце и му рекла Христос Воскресе, тој обичај од тогаш е застапен кај сите христијани. А црвената боја е симболика на победата, Исус ја победи смртта го победи злото го победи гревот ни даде живот вечен преку воскресението и исто така на самата крв пролеана на Господа. Токму затоа и јајца се вапцуваат на Велики четврток, затоа што тоа е денот кога е основањето на светата тајна вечера кога Господ преку виното и лебот ни ја дава светата причест и вели кој не го јаде моето тело и кој не ја пие мојата крв нема да има живот вечен, изајви Отец Сашко.

Тој додаде дека шарените јајца немаат значење, но дека сепак претставуваат, начин на одбележување на празникот, кој остава длабоки траги особено кај младите, а тоа според него помага за зајакнување на верата.

Симболиката е претежно во црвените јајца, самата икона на Исус Христос која ја сликаме, ја сликаме неговата црвена боја и плава боја значи неговата божја и човечка природа, токму затоа и црвената боја исто така не потсетува на сите страданија на Господ, бидејќи Христос страдал за нас, пролеал крв за да ги откупи не неговите туку нашите гревови затоа што бог е безгрешен, истакна отецот за МИА.

Велигденскиот пост е особено значаен. Тој трае 48 дена, од Прочка до Велигден. А се нарекува Четириесетница, затоа што по 40 дена од постот, продолжува последната седмица пред Велигден, дополнителен строг пост, заради деновите на предавството, страдањата, распнувањето на крстот и погребението на Господа Исуса Христа. Таа се нарекува Страдална седмица. Особено се значајни последните три дена и тоа Велики четврток, кога Исус бил фатен по Тајната вечера, Велики петок, кога бил суден, тепан, мачен, распнат, починал и бил погребан и Велика сабота кој е последниот ден и последната подготовка за Празникот над празниците.\

ИЗВОР: МИА