Директорот на ДПИ, Стојко Пауновски кој одби да ги прими „рамковно“ распределените вработените кои досега седеа дома, а земаа плата бидејќи како што истакна дел од нив немаат соодветно образование, е во центарот на вниманието во медиумскиот простор во земјата.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски е зачуден што премиерот Зоран Заев не го разбира кога вели дека нема да вработи 35 административци прераспределени во неговиот инспекторат, бидејќи се неквалификувани за испразнетите места.

Ако премиерот Зоран Заев не ме разбира, немам што друго да кажам освен дека може слободно да ме разреши на наредната владина седница. Ми даваат 35 луѓе за во Тетово, Гостивар, Кичево и Струга, а таму немаме потреба од нови вработување, туку имаме за во струмичкиот регион и во источна Македонија. Овие нови вработени нема да има каде да ги сместиме, нема место во канцелариите, пак ќе треба дома да седат. Нашата работа е на улица, на терен, а не во канцеларија, немаме потреба ние од администрација – изјави Пауновски за порталот СДК.

Тој во изјава за „Фокус“ даде појаснување на целиот настанат проблем, во кој став дадоа и премиерот Заев и Љупчо Николовски и Артан Груби.

„Тоа што јас го кажав не беше одлука, туку спроведување на закон во една институција која Владата ми ја доверила јас да ја раководам. Поинаку не знам и не сакам да работам“, додава тој во изјавата за ФОКУС.