Претседателот Стево Пендаровски го извести претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека одлучи да не го потпише Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти.

Пендаровски вели дека ваквата одлука ја донел врз основа на детална анализа на текстот на Законот, при што утврдил дека е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот.

Претседателот Пендаровски смета дека текстот на Законот нема општествена оправданост односно не е во насока на заштита и промоција на јавниот интерес, што е основна задача на секоја институција на јавната власт.

„Текстот на Законот е спротивен на член 8, став 1, алинеја 3 од Уставот каде што владеењето на правото е утврдено како темелна вредност на уставниот и, генерално, нашиот правен поредок. Имено, фактот дека со овој Закон се легализираат противзаконитите постапки на физички и правни лица за бесправно градење, коешто е определено како кривично дело во Кривичниот законик, ги става во нееднаква положба правните субјекти и ја нарушува правната сигурност. Таквата постапка е спротивна со член 9, став 1 од Уставот во кој што е определено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Дополнително, во член 51, став 2 од Уставот е определено дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите,“ се вели во известувањето од Пендаровски до Џафери.

Во него се додава дека стимулирањето на непочитувањето на правните прописи нанесува трајна штета на сите напори нашата држава да ја изградиме како демократска држава заснована врз владеењето на правото и почитувањето на правата и слободите на човекот и граѓаните.

„Убеден сум дека усвоениот Закон не само што ги става граѓаните во нееднаква положба, привилегирајќи ги оние кои не ги почитувале правните прописи на штета на совесните граѓани кои при градење на објекти постапувале во согласност со важечките прописи, туку, уште повеќе, стимулира непочитување на правните прописи“, смета претседателот Пенаровски.

За него особено е спорен член 41 од текстот на Законот со кој од денот на влегување во сила на Законот се предвидува „запирање на управни постапки кои не се завршени со спроведување на решенијата за отстранување на бесправно изградените објекти, како и управните и судските (кривични и граѓански постапки) кои се во тек и кои произлегуваат од постапките за отстранување на објекти кои се завршени или се во тек“.

Оваа одредба, како што вели Пендаровски, е спротивна со член 8, став 1, алинеја 4 од Уставот каде што поделбата на власта на законодавна, извршна и судска власт е дефинирана како темелна вредност на уставниот поредок.

„Преку вака формулираното законско решение се врши упад во работата на судовите и се овозможува „затскриена“ амнестија за сторители на кривични дела поврзани со бесправно градење и злоупотреба на службената положба“, вели Пендаровски.

Тој додава оти неспорна е уставната надлежност на Собранието, во согласност со член 68 од Уставот, да дава амнестија.

„Но, амнестијата, како што налага законодавната пракса, треба да биде дадена со посебен закон за амнестија, а во образложението кон евентуалниот таков закон треба да се образложи општествената оправданост односно јавниот интерес за давањето на амнестијата. Преодните и завршните одредби на Законотза утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти не се местото кадешто на нетранспарентен начин ќе биде дадена амнестија,“ вели Пендаровски.

Според претеседателот, донесениот Закон, исто така, е спротивен на член 43 од Уставот во кој секому се гарантира правото на здрава животна средина, а државата се обврзува да создава услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Пендаровски особено потенцира дека овој Закон во член 17 предвидува можност за легализација на бесправно изградени објекти дури и во „строг природен резерват, национален парк, споменик на природа, парк на природа, заштитен предел, заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, како и во прва и втора санитарно заштитна зона на извори на вода за пиење“.

Ваквата можност, вели претседателот, е прекршување на основната обврска на државата да ја штити животната средина, а дополнително можноста за легализација на бесправно изградени објекти во заштитни зони на вода за пиење потенцијално го загрозува јавното здравје, чијашто заштита е, исто така, законска обврска на државата.

„Можноста, во наведениот член, за легализација на бесправно изградени објекти во подрачје на заштитено недвижно културно наследство (поединечни добра, целини и археолошки локалитети) е повреда на законската обврска на државата да ги заштитува културните добра и културното наследство,“ пишува Пендаровски.

Овој закон наиде на големи реакции во јавноста, и голем број на здруженија, граѓани, експерти побараа од Пендаровски да не го потпише Указот.