Полицијата во Анкона испитува случај за лекар кој на пациентите им давал обичен физиолошки раствор наместо вакцината на „Фајзер“ против Ковид-19, пишуваат италијанските медиуми.

Според досега достапните информации, лекарот на овој начин „имунизирал“ околу 30 пациенти, но не е исклучено да ги има и многу повеќе.

Истрагата е започната откако некои пациенти се посомневале во вакцинацијата затоа што лекарот избегнувал да им кажува со која вакцина биле имунизирани, ниту им пак им дал потврда за вакцинација.

Како што се наведува, полицијата допрва треба да го утврди точниот број на измамените, како и мотивите за ваквото однесување, а според порталот „Фанпејџ“, лекарот се бранел дека постапил на овој начин затоа што бил под притисок од некои луѓе да ги вакцинира, иако немал доволно дози.

Лекарот имал на располагање одредена доза на вакцини, но засега не е јасно каде завршиле вистинските.

ПОВЕЌЕ ВО ФРАНЦИЈА: Околу 140 луѓе во Франција по грешка добиле физиолошки раствор наместо вакцина

Вкупно 140 лица кои во текот на неделата дошле во центарот за вакцинација на северот на Франција, по грешка добиле инјекции со солен раствор наместо вакцина за коронавирус, соопштија локалните власти.

„Во вторникот 140 лица добија инекција на физиолошки раствор во центарот за вакцинација на северот на Франција“, изјави управата на локалната болница, додавајќи дека тие инјекции не се опасни по здравјето.

Раководството на болницата, кое ја увидело грешката следниот ден, започнало внатрешна истрага и засега не е познато како грешката настанала.

Секој што примил физиолошки раствор бил поканет да се јави во болницата и овој пат да прими доза на вакцина против коронавирус, известуваат француските медиуми.

Лекарите од болницата велат дека физиолошкиот раствор е безопасен и дека се користи за чистење повреди, како капки за очи или како разредувач за содржината на другите инјекции, и дека нема последици по здравјето на луѓето.