На Велигден се слави радоста на животот и вистинската љубов. Различни обичаи и ритуали се поврзани со велигденските празници, а еден од најважните е вапсањето јајца. Овој обичај особено ги радува малите, но и креативните души кои сакаат да прават оригинални шари.

Вообичаено првото обоено црвено јајце треба да се чува во текот на целата година бидејќи, според народното верување, тоа јајце ги штити домот и семејството од негативна енергија и затоа е именувано како „чувар на куќата“.

Според народното верување, тоа јајце мора да биде обоена исклучиво во црвена боја. Порано беше обичај и ритуал, ноќта пред Велигден јајцето да се стави во вода со босилек, дрен и здравец. На Велигден наутро, семејството се миело со таа вода, а децата ги мачкале образите со јајцето за да бидат здрави во текот на целата година.

Според верувањата, по Велигден ланското јајце треба да се фрли во река. Така, целата негативност што, според верувањето, јајцето ја апсорбирало се фрла во вода. Се верува дека јајцето “чувар на куќата” носи просперитет и среќа во домот, па многумина го чуваат во посебно украсени садови на доминантно место во домот.