Музичарот Гоце Талевски, член и еден од основачите на музичката група „Оскар“ од Битола почина од компликации поврзани со коронавирус.
Веста за неговата смрт ја потврдија неговите колеги од музичката група „Оскар“.

Жална вест… Денес нè напушти нашиот брат, еден од основачите на група „Оскар“ од Битола… Не сакаме да веруваме и не можеме да го прифатиме ова што ни е припуштено како болка…. Почивај во мир единствен Гоце Талевски, пишуваше во објавата на „Фејсбук“ на официјалниот профил на музичката група.

Поради неговата сериозна здравствена состојба и настанатите компликации од вирусот, тој мораше да биде пренесен во приватна болница, а на социјалните мрежи се собираа донации за да се покријат високите трошоци за лекување.

Подоцна и неговиот син, Павел се опрости со статус на својот фејсбук профил.
,,Другари, денес се случи нешто што не го очекувавме. Татко ми, Гоце Талевски ја изгуби битката со коронавирусот. Јас тоа што му го ветив, ќе го остварам, ќе продолжам од каде што тој застана, ќе се трудам да сум како него и да ги слушам неговите совети.
Тато, те сакаме најмногу на свет” – напиша синот на Гоце, Павел.