Единаесет лица загинаа, а 98 се повредени во железничка несреќа што се случи денес во Египет, на околу 40 километри северно од Каиро, соопшти Министерството за здравство.

Возот тргна од Каиро кон градот Мансури, кој лежи на реката Нил. Четири вагони излетале од шините, објавија египетските национални железници.

Се испитува причината за несреќата.

Повеќе од 50 амбулантни возила ги однеле повредените во три регионални болници, соопшти Министерството за здравство.

Овој инцидент е последен во низата неодамнешни сообраќајни несреќи во Египет.

Најмалку 20 лица загинаа, а скоро 200 се повредени во март во судир на два воза во близина на Тахта, околу 440 километри јужно од Каиро.

Петнаесет лица беа повредени овој месец кога два воза излетаа од шините во близина на градот Миња ал-Камха, 70 километри северно од Каиро.

Некои Египќани очекуваат оставка од министерот за транспорт, поранешниот воен генерал Камел ел-Вазир.

Тој ја отфрли таа опција и вети дека ќе продолжи да работи на развој на застарена железничка мрежа.