Рано утрово денеска пристигнаа долгоочекуваните вакцини од Синфоарм од Народна Република Кина. Благодарност за личниот ангажман на кинескиот амбасадор и неговиот тим. Вака министерот за здравство ја почна денешната изјава за медиумите по пристигнувањето на кинеските вакцини

Благодарение на нивното инсистирање оваа пратка е во нашата земја. Станува збор за количина од 200.000 вакцини. Ќе се сместат во ладната соба. Од тука во следните денови најдоцна во понеделник ќе бидат дистрибуирани до пунктовите за вакцинација. Тоа ќе биде во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола.

Процесот со вакцинација со кинеските вакцини ќе започне веќе во вторник. До почетокот на летото очекуваме дека ќе имаме висок процент на население кое ќе биде вакцинирано, вели министерот за здравство Венко Филипче по пристигнувањето на кинеските вакцини во земјата.

Министерот Филипче изрази голема благодарност до кинескиот амбасадор во земјава Џанг Ѕуо, но и до неговиот тим, кои секојдневно се ангажирале за да стигнат вакцините во земјава.

Според пријавените граѓани за вакцинација, така и ќе тече процесот на имунизација во земјава, и тоа според возраста на граѓаните. Најдоцна од вторник ќе почне масовната вакцинација. Граѓаните кои се пријавиле на вакцинација.мк ќе добијат или смс порака или мејл за терминот кој ќе го добијат за вакцинација. Апелирам сите да се пријават“, рече министерот Филипче.

Според министерот, веќе до летото ќе бидат вакцинирани голем број граѓани во земјава, и тоа значајно ќе ја промени сликата со пандемијата со коронавирусот.

Филипче рече дека веќе од вторник идната недела, ќе продолжат да функционираат паралелно двата системи, односно и вакцинација преку големите спортски центри кои ќе бидат големи вакцинални пунктови, и вакцинација преку здравствените домови. Понатаму, пак, ќе се размислува дали да остане вака, или да продолжат само големите пунктови. Ова од причина што таму има подобри услови за вакцинација, бидејќи спортските центри се поголеми, има повеќе простор за паркинг, и слично. Исто така, таму би се префрлиле и медицинските работници од здравствените домови и вакцинацијата би одела побрзо. Но, следната недела остануваат да функцинираат паралелно двата системи.

„Спремни сме да вакцинираме меѓу 10 до 15 илјади граѓани дневно“, вели Филипче.

Министерот тврди дека сите вакцини се безбедни за граѓаните, и нема потреба граѓаните да бираат која вакцина ќе ја примат, туку да ја примат онаа вакцина која ќе им се падне според редот како се пријавени за вакцинација.

„Нема потреба да се бираат вакцини, сите се со еднаков квалитет. Граѓаните слободно да ја примат вакцината што ќе им биде понудена без да се грижат, ниту треба да мислат да даваат предност на еден вид вакцина пред друг“, рече Филипче.

Тој смета дека и за него би било соодветно да ја прими вакцината која „ќе ја примат најголемиот дел од граѓаните“.

„Соодветно е како лиќен пример да ја примам вакцината која ќе ја примат најголем број граѓани. Немам лична преференца за тоа која вакцина да ја примам, а ги следам сите светски препораки и студии“, рече министерот, додавајќи дека освен за АстраЗенека која кај нас не се дава на помлади од 60 години, нема други препораки за вакцините.

Министерот најави дека овој месец треба да пристигнат, покрај овие 200.000 вакцини од Синофарм, уште 500.000 вакцини од Синовак, а ќе стигне и донација од 100.000 вакцини на Синофарм која ја договорила министерката за одбрана Радмила Шекеринска со кинескиот колега.

„Тоа значи плус 600.000 вакцини, со кои ќе се вакцинираат и ревакцинираат 300.000 граѓани. Исто така, овој месец треба да пристигнат 26.000 дози од вакцината на Фајзер кои се од директниот договор со тој производител. Нема точен термин кога и колкава количина би пристигнала од руската вакцина. А, за жал, се понеизвесна е состојбата со пристигнувањето на вакцините на АтсраЗенека преку Ковакс механизмот. Ова од причина што состојбата со коронавирусот во иднија е драматична и можно е Серум институтот во Индија, каде се произведуваат дел од АстраЗенека, да ја стопира испораката. Кај нас првите вакцини од АстраЗенека пристигнаа од Јужна Кореја, а сега за наредните количини, доколку се планирани да дојдат од Индија, можно е да дојде до одложување а испораката“, рече Филипче.