Вкупно 10.395 барања за купување влезници за натпреварите на македонската репрезентација од групната фаза за ЕУРО 2020 пристигнале на адреса на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), но поради лимитираната квота добиена од УЕФА, како и одлуката приоритет да имаат здравствените работници, најголем дел од нив ќе останат без билети.

ФФМ денеска соопшти дека помалку од десет проценти од лицата, кои аплицирале до Федерацијата по електронски пат, ќе добијат билети за Европското првенство.

– Согласно одлуката на Управниот одбор на ФФМ, приоритет за купување влезници да добијат здравствените работници, „Куќата на фудбалот“ информира дека од вкупниот број билети со кои располагаше Фудбалската федерација на Македонија, приоритет беше даден и најголем процент за купување на билети добија здравствените работници и навивачите на македонската репрезентација. ФФМ преку одделот за безбедност и интегритет оствари блиска комуникација со сите навивачки групи во државата кои изразија интерес да ја бодрат репрезентацијата на ЕП и согласно нивните барања и бројот на билети кој можеше да биде ставен на располагање, ФФМ обезбеди можност 200 навивачи организирано да патуваат во Романија, се наведува во соопштението.

За време на патувањето, престојот и присуството на натпреварите во Букурешт, навивачите ќе бидат придружувани исклучиво од лица од одделот за безбедност и интегритет на ФФМ, Комисијата за безбедност при ФФМ и делегирани претставници од Министерството за внатрешни работи на Македонија

Во соопштението на ФФМ, притоа, се истакнува дека Федерацијата „нема остварено контакт, ниту дадено каква било одговорност кон други лица кои се посочуваат во јавноста во врска со каква било организација на навивачите за натпреварите од ЕП“.