Нема лошо време за квалитетна реформа. Промените во системот на образование не се избрзани, туку се темелат на Стратегијата за образование 2018-2025 донесена кога министерка беше Рената Десковска и на Законот за основно образование, донесен кога министер беше Арбер Адеми, што покажува континуитет во работата на Владата за создавање квалитетно образование.

Со години се правени анализи на образованието, домашни и меѓународни истражувања, каков систем на образование ни е потребен, истакна синоќа министерката за образование и наука Мила Царовска, во дебатната емисија на ТВ Клан.

Царовска рече дека сега е време да се направи исчекор, затоа што секоја изгубена минута со неквалитетно образование нé чини прескапо во по-глед на подготвувањето на човечкиот потенцијал за времето коешто доаѓа. Треба да почнеме денес, за да очекуваме поголем економски раст и развој по 15 години, со под-готвен човечки потенцијал.

-Новиот концепт за основно образование има една главна цел – да обезбеди нов систем на учење и нов квалитет на основно образование, согласно светски стандарди. Ниту е цел укинување на наставни содржини, ниту укинување на учебници, ниту намалување на фонд на часови.

Сите научни дисциплини се учат и со новата концепција, нагласи Царовска, додавајќи дека опозицијата нема идеја какво образование и треба на нашата држава и на ниво на дневна политика коментира суштински значајни реформи. Од опозицијата не стигна ниту еден конструктивен предлог за подобрување на концептот, или на некој закон.