Европратеникот Ангел Џамбаски на својот Фејсбук профил објави видео во кое упати навреди кон македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

Според објавата, се чини дека Џамбаски се навредил на изјавата на Ковачевски дека не го знае, па му порача дека „вие Србите во Скопје немате место во ЕУ“.

Додека тој упатуваше навреди кон премиерот, позади него стоеше фотографија од таканаречена Голема Бугарија, која зафаќа територии од цела Македонија, Грција, Албанија, но и Србија.

„Ковачевски тврди дека имало македонски јазик. Македонскиот јазик е литературна форма на бугарскиот јазик. Секој еден лингвист или филолог насекаде по светот, од тука до Занзибар ќе ви го каже тоа. И тоа ќе го каже тоа со докази и факти. Македонскиот јазик не е ништо различно од западно-бугарските дијалекти. И во тоа нема никаков спор.

Знаеме какво е неговото потекло. Како што се сеќавам, тој носеше кафе кога одевме на средби тогаш со премиерот Борисов и Заев во Скопје. Носеше папки, кафиња, такви нешта, бирократска работа, како машка секретарка“, вели Џамбаски.

На ова реагираше и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој најави дека ќе прати официјална протестна нота до Бугарија поради последната изјава на европратеникот Ангел Џамбаски.

„Иако се обидувавме да го игнорираме, овојпат ги надмина сите граници на провоцирање. Според сите меѓународни и билатерални договори има основа да се реагира до бугарската држава, бидејќи искажува територијални претензии и навредлив говор“, најави шефот на дипломатијата Бујар Османи.